Раководството на Стрежево ќе ги преземе сите законски мерки и нема да дозволи земјоделците и правните лица да се соочат со рестрикции на вода, граѓаните да немаат доволно вода за пиење и да се загрози исплатата на плата на 250-те вработени, и ќе продолжи професионално и успешно да го води Хидросистемот .
Почитувани медиуми, граѓани и вработени
Во интерес на јавноста и транспарентноста ја свикав денешната прес - конференција со единствена тема - неодамнешните обвинувања од страна на ЗК Пелагонија во врска со блокирањето на сметката на претпријатието поради неплатен долг односно неисплатен дел од камата во износ од 26 милиони денари.
Јавноста е веќе запозната со постоечкиот проблем со ЗК Пелагонија кој датира од 2015 година, кога се појави свлечиштето кај село Драгарино и го оштети главниот доводен канал за вода, преку кој се врши наводнување на 20.200 хектари обработливи земјоделски површини од Пелагонија и испорака на вода за граѓаните на општините Битола, Могила и Новаци, и цевководот Г-О, со кој се врши снабдување со сурова вода на термоцентралата РЕК Битола и индустријата.
Од почетокот на мојот мандат во 2017 година сериозно се зафатив заедно со раководниот тим и вработените со овој наследен проблем и големото свлечиште успеавме со големи напори да го санираме во 2018 година.
Хронолошки накратко би сакал да го презентирам судскиот тек.
Во 2016 година Стрежево беше тужено од ЗК Пелагонија за наводно претрпена штета во 2015 година. Основниот суд во Битола пресуди во корист на ЗК Пелагонија. На оваа пресуда Стрежево се жалеше до Апелациониот суд во Битола.
Во мај 2017 година Апелациониот суд донесе решение со тоа што жалбата на Стрежево беше усвоена и предметот беше вратен на првостепениод суд на повторно судење.
Во јуни 2021 година Основниот суд донесе пресуда во корист на Стрежево дека нема штета ЗК Пелагонија. На оваа пресуда се жалеше ЗК Пелагонија до Апелациониот суд.
Во јануари 2022 година Апелациониот суд во Битола донесува одлука со која пресудата од Основниот суд ја преиначува и донесува пресуда во корист на ЗК Пелагонија. На оваа пресуда Стрежево поднесува Ревизија до Врховниод суд на РС Македонија.
Во февруари 2023 Врховниод суд ја прифаќа Ревизијата (жалбата)на Стрежево, пресудата на Апелациониот суд СЕ УКИНУВА и предметот се враќа на второстепениот суд на повторно судење.
Во јуни 2023 Апелациониот суд донесува пресуда со тоа што пресудата од Основниот суд ја преиначува и пресудува во корист на ЗК Пелагонија. На оваа пресуда Стрежево повторно поднесува Ревизија (жалба) до Врховниод суд на РС Македонија.
Од јули 2023 година предметот е на повторно одлучување во Врховен суд.
Стрежево по основ на судска пресуда за плаќање на главен долг од 60.831.254 денари, камата од 45.184.139 денари и трошоци на постапката од 903.538 денари на комбинатот од сопствени заштетени средства, благодарејќи на домаќинското работење на претпријатието, и по заслуга на сите вработени успеа да го врати во целост долгот, во целост се исплатени судските трошоци и вративме дел од каматата во износ од над 19 милиони денари.
Во овој момент Стрежево му должи на ЗК Пелагонија помалку од 26 милиони денари од вкупно 45 милиони денари камата, а сите други долгови се во целост подмирени.
За да биди парадоксот уште поголем со завршување на сезоната за наводнување 2023 година следи фактура од Стрежево према ЗК Пелагонија од околу 10 милиони денари која го преполувува преостанатиод долг од камата. За жал раководството на ЗК Пелагонија во повеќе наврати одбива да склучи спогодба со одредена динамика за компензација на остатокот од каматата.
Во исчекување на Одлуката на Врховниот суд каде предметот е на повторно одлучување имаме препорака од страна на Владата да го искомпензираме преостанатиот долг по основ на камата со испорачана вода и трајниот дел кој го плаќа ЗК Пелагонија.
На 1 август во екот на сезоната за наводнување и испорака на вода за граѓаните од Битола од околу 450 l/s и во период кога имаме најголеми трошоци, и покрај препораката на Владата за компензација со испорачана вода, и покрај тоа што редовно им испорачуваме вода за наводнување за нивните површини како и вода за нивните фарми, неочекувано и од само нив познати причини се одлучиja да ја блокираат сметката на Стрежево - Битола.
Преку блокирањето на сметката се загрозува ликвидноста на Стрежево, претпријатие формирано од јавен интерес и институција која значи живот за регионот. На овој начин сериозно се нарушува нормалното функционирање на водоснабдувањето со вода за пиење на Општините Битола, Могила, Новаци, снабдувањето со сурова вода на РЕК Битола, индустријата, индивидуалните земјоделци како и исплатата на тековните трошоци и инвестиции.
Треба да напоменеме дека со овој чин се загрозува егзистенцијата на над 250 вработени во претпријатието и вработените се ставаат во крајно незавидна положба.
По блокирањето на сметката, ние ги презедовме сите законски и правни мерки кои ни стојат на располагање и доставивме барање до Основниот суд во Битола за одлагање на извршувањето, од причини што Стрежево е институција од големо значење за регионот и државата. Судот сосема разбирливо и очекувано за нас, нашето барање го прифати и сметката е одблокирана.
По прифаќањето на нашето барање за одблокирање на сметката од страна на Основниот суд во Битола, ЗК Пелагонија поднесе жалба до Апелациониот суд во Битола.
По исплатениот долг во целост, судските трошоци и камати во износ од над 80 милиони денари, овој дополнителен потег на ЗК Пелагонија единствено можеме да го разбереме како директен обид за тежок финански удар и загрозување на функционирањето на Стрежево, како и негово ставање во ќорсокак.
Очекуваме ЗК Пелагонија да ја почитува препораката на Владата за плаќање на преостанатиот дел од долгот по основ на камата преку испорачаната вода, а исто така очекуваме Апелациониот суд во Битола, во контекст на претходното, да ги земе во предвид сите аспекти, и пред сѐ да го цени значењето на Стрежево.
Апелираме на разум кај раководство на ЗК Пелагонија. Треба да размислуваме заедно на планирањето на долгорочниот развој на водостопанската политика, да соработуваме во поглед на дистрибуцијата на водата во хидротехничката инфраструктура и развојот на македонското земјоделство каде ЗК Пелагонија со децении беше важен чинител.
Морам да напоменам дека Хидросистемот Стрежево е стар повеќе од 40 години и опремата е амортизирана. Но со големи напори на раководството и вработените таа опрема се заменува и сервисира. Во дадени моменти кога не сме во можност да испорачуваме вода на некои делнични цевководи за водокорисниците, а тоа се должи најчесто поради нивно нестручно користење и зачестеното оштетување на нашата опрема (кршење и оштетување на хидранти и цевки и неовластено отворање и затворање на затворачите), од нивна страна при вршење на земјоделски активности (орање, жнеење, сеење и слично).
Стрежево и покрај овој сериозен финансиски удар кој ни нанесе несогледливи последици ќе продолжи по својот пат и со посветена, континуирана работа пропратена со минимум трошоци и максимално користење на сите расположливи ресурси ќе го надмине овој, а и сите други предизвици во иднина.
Раководството на Стрежево ќе ги преземе сите законски мерки да не дозволи правните лица и земјоделците да се соочат со рестрикции на вода, граѓаните да имаат доволно вода за пиење, да не се загрози исплатата на плата на 250-те вработени, и ќе продолжи професионално и успешно да го води Хидросистемот.
Ви благодарам на вниманието.