Во текот на 2015 година поради обилните врнежи и влијанието на подземните води, појавено е свлечиште во зона на сервисниот пат на главниот доводен канал на стационажа km 12+700.
Со свлекувањето беше целосно зафатен потег од сервисниот пат со должина од 15-25 m, а круната на самото свлечиште оди скоро до самиот заштитен насип на каналот. Во месец мај констатирано е проширување на свлечната зона со појава на пукнатини на сервисниот пат, со што се наложи потребата од зголемување на санационите мерки.
За таа цел се изработи и усвои техничко решение од Градежен факултет - Скопје и во месец јули се пристапи кон негова реализација. Поставена е дворедна колова конструкција со 33 бетонски колови со крута арматура, надколова армирано-бетонска плоча со димензии 30 m x 2,1 m x 0,5 m, врз која е поставен потпорен ѕид од габиони во 3 реда со висина од 3 m. Со изведбата на насипот зад габионскиот ѕид, комплетно е завршена санацијата на свлечиштето и повторно е ставен во употреба експлоатациониот пат кој беше во прекин.