Хидросистемот „Стрежево" ќе биде прво Jавно претпријатие основано од Владата кое ќе изгради фотоволтаична централа со сопствени средства во висина од 30.550.233,00 денари, а произведената електрична енергија ќе ја продава на слободниот пазар.
Договорот за изградба на фотоволтаичната централа го потпишавме со реномираната фирма КМГ ЕОЛ КВАЗАР ДООЕЛ СКОПЈЕ, компанија која беше избрана по пат на јавна набавка.
Стручен надзор во сите фази при изведувањето на работите ќе биде Технички факултет - Битола при Универзитетот „Свети Климент Охридски" - Битола.
Рокот на изведба е 180 дена по што се очекува да биде пуштена во работа. Оваа инвестиција целосно се вклопува во нашата визија за директно зголемување на приходите на претпријатието и креирање на подобри услови за стимулирање на севкупните инвестиции.
Истовремено, покрај тоа што стопанисуваме со пет мали хидроцентрали и расположливите водни ресурси ги користиме рационално, ефикасно и повеќенаменски (за наводнување и производство на електрична енергија), со оваа инвестиција започнуваме и процес на искористување на сончевата енергија како обновлив извор на енергија за добивање електрична енергија.
Вложуваме преку иновативни начини во искористување на обновливите извори за производство на домашна електрична енергија и помагаме во заштитата на животната средина во борбата со климатските промени.